Уште колку човечки животи треба да згаснат за Оливер Спасовски да сфати дека е неспособен да го води МВР. Уште колку крвави пресметки треба да се случат за Оливер Спасовски и СДС да престанат да ги штитат криминалните банди кои дивеат низ Скопје и државата. Скопје полека, но сигурно станува еден од најнебезбедните градови во Европа благодарение на Оливер Спасовски и неговите пријатели од криминалното подземје.
Граѓаните се вознемирени бидејќи не знаат кога тие или некој близок може да станат жртва на мафијашките престрелки кои секојдневно се случуваат во Скопје. Наместо живот и слобода граѓаните станаа заробеници на сопствениот страв.
Во Чаир во петокот целата јавност беше сведок на уште една брутална ликвидација на среде улица. Убиено беше едно лице, а уште едно со тешки повреди беше префрлено во болница. Убиецот повторно е на слобода, а на слобода се и неговите помагачи и нарачателите на овој крвав чин. За партиската полиција на Спасовски сеуште не е познат ниту сторителот ниту оружјето од кое е пукано.
На слобода се и убијците и нарачателите кои го ликвидираа младиот фудбалер Мартин Јанушев. Истиот случај е и со убијците и нарачетелите кои летоска среде бел ден во кафуле во Струга извршија класична ликвидација.
Во оваа земја има слобода само за убијци и криминалци. Тие имаат директна заштита од највисокото раководство на СДС. Убијците и криминалците се во коалиција со оваа власт.
Во други држави има мафија но само во Македонија мафијата си има своја држава. МВР наместо да ги гони им служи како заштита на криминалците кои одработуваа за СДС.
ВМРО-ДПМНЕ го повикува Оливер Спасовски за нарушената безбедносна состојба, да си поднесе оставка и да дозволи професионалците во МВР да работат на сузбивање на овие криминално мафијашки групи. Само така ќе се вратат мирот и безбедноста во Македонија.