Новите смарт технологии што ги лансира компанијата ЗТЕ, позитивните ефекти што ги генерираат над 100 градови во Кина со нивната примената и идните планови за инвестиции на компанијата, биле тема на разговор на средбата на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев со директорот на ЗТЕ за Југоисточна Европа, Линг Жи, во пресрет на Самитот 16+1 за соработка на земјите од централна и источна Европа со Народна Република Кина.
Претставниците на ЗТЕ го претставиле концептот на смарт картичка што поседува можност, покрај даночните податоци, да интегрира и други податоци, како што се податоци од здравствената евиденција, но и други трансакции и податоци важни за секој граѓанин, што ќе бидат складирани на оваа смарт картичка. Овој концепт е применлив за спроведување на мерката поврат на 15 проценти од ДДВ за граѓаните, мерка што Владата на Република Македонија планира од јуни наредната година да ја спроведе како пилот проект во два региони, соопшти прес-службата на Владата на РМ.
Премиерот Заев, според соопштението, ја охрабрил разработката на концептот како добра можност да се обезбеди сигурен и безбеден систем, што ќе овозможува по 15 проценти од ДДВ да се враќаат во семејните буџети на сите граѓани на Република Македонија.
На средбата се разговарало и за економските политики и мерки од Планот за економски раст што биле оценети како нов позитивен импулс за развој на домашната економија. Заклучено е дека се создадени потребните услови кои гарантираат стабилна и предвидлива бизнис клима, што претставува значаен поттик за зголемениот интерес за инвестирање во Република Македонија, стои во соопштението.