Кошаркарскиот репрезентативец Бобан Стајиќ беше импресиониран од поддршката што ја доби Македонија во синоќешниот триумф над Швајцарија.
– Сакам да му се заблагодарам на секој поединец што дојде в салата да ни даде поддршка. По долго време играме пред речиси полна сала. Атмосферата беше одлична. Тоа беше голем плус за нас. За играта .. На почетокот беше многу тешко за нас. Противникот беше навистина непознат за нас па затоа дури во втората половина ја прилагодивме нашата игра на нивната. Успеавме да го запреме нивниот напад и на крајот тоа ни ја донесе победата и тоа убедлива, рече Стајиќ на прес-конференцијата по дуелот со Швајцарците.
Со слични ставови беше и селекторот Јорданчо Давитков.
– Реално, а и да бидам искрен натпреварот одеше малку потешко од очекувањата. Играчите беа преимпресионирани од присуството на големиот број на гледачи, па можеби затоа во првиот дел игравме стегнато. Сепак, им благодариме за големата поддршка, навистина ни беше потребна, истакна Давитков.
Тој е задоволен од сите кои се најдоа во составот, а посебно се заблагодари на Ричард Хендрикс кој ја прифати покана да и помогне на Македонија во ситуација кога повеќе играчи го откажаа настапот поради повреда.
– Сите единаесет играчи кои настапија одиграа според планот, можеби не одигравме квалитетен меч како против Словачка, но важно е дека успеавме да го оствариме тоа што ни беше потребно. Искрено, да го имав овој тим во август, можеби ќе игравме некои други квалификации сега. Сакам да му се заблагодарам на Хендрикс што дојде веднаш откако беше повикан и одигра максимално, особено во Словачка. Таму одигра феноменално, вечерва против Швајцарија онолку колку што беше потребно, додади Давитков.
Македонија во СЦ „Јане Сандански“ ја победи Швајцарија со 83:68 и со максимални две победи е лидер во претквалификациската група за ЕП 2021.