Со стратегија ќе се утврдуваат услугите и производите кои им се потребни на инвеститорите во Македонија во наредните пет до 10 години за да се зголеми учеството на домашните фирми како нивни добавувачи. Дополнително тоа треба да придонесе за зголемување на извозот и на нови вработувања
Потребите на инвеститорите, независно дали се домашни или странски, ќе се анализираат на билатерални средби и бизнис форум в петок, на иницијатива на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, со поддршка на Владата.
Анализите на Советот покажале дека странските инвеститори во Македонија, особено во технолошко индустриските развојни зони, многу малку ги користат услугите и производите на домашните компании. Кај инвеститорите има желба за тоа, но, како што вели Ирена Јакимовска, член на Советот на странски инвеститори, сакаат да набавуваат стоки и услуги под одредени стандарди на квалитет и спецификации за да може да ги пласираат на европските пазари.
- Позитивната страна за странските инвститори е тоа што услугите и производите ќе може да ги набавуваат од непосредна близина, под потребни стандарди и услови и ќе ги избегнат царинските и други процедури за одложено доаѓање стока или нејзино чување во големи количини. Домашните потенцијални инвеститори пак ќе ги постигнат стандардите на процесот на производство или сервисирање услуги кои се потребни за да може да бидат специфицирани за да ги доставуваат стоките и услугите на европскиот пазар, рече денеска на прес-конференција Јакимовска.
Наведувајќи пример, рече дека ЕВН Македонија која увезува големо количество кабли, би можело да го набавува тој производ по многу поповолни цени од македонскиот пазар доколку се обнови процесот на производство во поранешната фабрика за кабли во Неготино. Но, потенцира, предуслов е нивниот стандард на производство да ги достигне условите и спецификациите под кои работат компаниите.
- За да може да се направат такви компании кои ќе бидат иновативни и ќе ги следат потребите на странските инвеститори, дали во услуги или во производи, пред се, треба да биде поддржано од Владата во однос на субвенционирање на иновативните идеи, банкарскиот сектор да биде пофлексибилен за надградба и финансиско дополнување на тие потенцијали и пред се, постојан раст на човечкиот капитал и надградба на работните способности, рече Јакимовска.
Тие се трите клучни точки, дополни, што мора да ги постигнеме за да може домашниот пазар да ги опслужува странските инвеститори кои учествуваат со над 40 проценти во целокупниот извоз на државата.
Според Јакимовска, позитивен показател е тоа што минатата година е зголемено учеството на домашните услуги и производи колку што се вкалкулирани во целокупниот процес на извозот од ТИРЗ.
Во прилепски „Комфи ангел“, фирмата што ја управува, како што рече, во 2016 година 33 проценти од вкупнискс/от импакт на процесот е од домашни услуги и стоки. Тоа е многу повеќе од претходните две години, кога изнесувапе 45 проценти, што значи дека има иднина и тука треба да се фокусираме, дополни Јакимовска.