Производителите на пиперка во Пелагониско се соочуваат со егзистенцијална криза. Над 1.000 тони пиперка завршија на депониите поради неодговорноста на власта.
Стотици земјоделски семејства во пелагониско се оставени без основни средства за егзистенција, а власта мува не ја лази.
Зоран Заев пред точно една година кога ги бараше гласовите на земјоделците во Кривогаштани ветуваше повисоки откупни цени за земјоделските производи и отворање на нови пазари.
Една година подоцна Зоран Заев се однесува како Пелагонија и Кривогаштани да не се во Македонија. Земјоделците се заборавени и оставени сами на себе. Владата не само што не обезбеди повисоки цени, туку не успеа да обезбеди било какви цени.
Пиперката лани се откупуваше по цена од 8-10 денари по килограм, додека оваа година по цена од 3-5 денари, а подоцна и воопшто не се откупуваше.
Откуп имаше само неколку дена на почетокот на сезоната, по цена од 3-5 денари по килограм, што е историски најниска цена. Откупот се вршеше селективно, само на земјоделци членови на СДС. Останатите земјоделци кои не се членови на СДС или кои не можеа во тој период да го продадат својот род, истиот мораа да го фрлат на буниште.
Неодговорноста на оваа влада најубаво се гледа од сликите кои ќе ги погледнеме во продолжение.
Ова е трагедија почитувани граѓани. Стотици семејства во Пелагониско чие основно средство на егзистенција е земјоделието и производството на пиперка оваа година се во загуба и немаат со што да ги прехранат своите семејства.
ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш владата на итна владина седница да се донесе одлука за обештетувањето на производителите на пиперки од Пелагонискиот регион. Веднаш да се формира комисија која ќе излезе на терен и ќе направи проценка колкава е штетата по единица површина, односно по хектар.
ВМРО-ДПМНЕ ја повикува владата наместо да ја зголемува ставката во буџетот за луксузни патувања на хунтата на власт да одвои средства за производителите на пиперка чиј род не беше откупен.
СДС не смее да си поигрува со судбината на овие луѓе и нивните семејства. Овие луѓе заслужуваат фер третман од државата и буџетот кој тие го полнат.