Премиерот Заев со економскиот владин тим денеска во Будимпешта оствари средба со претседателот на Хуавеи за регионот централна и источна Европа и Нордиските земји, во рамки на дводневниот престој на владината делегација на Самитот 16+1.

На средбата се разговараше за идните перспективи на соработка помеѓу компанијата Хуавеи и Република Македонија, за идните инвестициони чекори, но и за новите иновации и смарт технологии што ги лансира компанијата. Беше заклучено дека во Македонија се создадени услови за развој на стабилна бизнис клима и поволни услови за нови инвестиции.

Претставниците на Хуавеи ги презентираа новите смарт технологии што ги развиваат за кои рекоа дека се апликативни за развој на т.н смарт градови. Во таа насока тие го претставија новиот проект на смарт осветлување, за што изразија интерес да го понудат на општините како иновативно решение кое нуди можност за заштеди на општинските буџетски пари.

Беше изразена согласност дека соработката со Хуавеи ќе продолжи да се интензивира и дека новите владини економски политики и Планот за економски раст обезбедуваат солидна основа за нови инвестиции и соработка на заеднички проекти.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2017 01:52