Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска оцени дека приведувањето на лицата за насилствата во Собранието на 27 април е политички прогон и побара нивно итно ослободување.
- Бараме итно и безусловно стопирање на малтеретирањата, теророт и изживувувањето кое го прави СДСМ. Бараме итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој класичен политички прогон, рече на прес-конференција во партиското седиште Груевски најавувајќи дека ќе се приклучи кон учесниците на протестот што се одржува пред Основниот суд Скопје 1, каде трае распитот на приведените лица.
Груевски оцени дека премиерот Зоран Заев и СДСМ, како што рече, брутално удираат кон тие што мислат и делуваат македонски.
- Ова е последниот чин на пресметка со слободно мислечкиот Македонец и граѓаните кои се одважија да кажат став за разградувањете на државата против тиранската платформа, а против насилието на власта. Против секој кој мисли македонски и се грижи за националните интереси. Во прашање е државата. Ова не е правда, веќе законите и Уставот не важат, ова е заробена држава, рече Груевски.
Според Груевски, ударот е и врз пратеничката група на ВРМ0-ДПМНЕ која, како што рече, не успеаја да ја разградат на друг начин и сега се оди на физичка елиминација на нејзината компактност, за во Собранието да помине се што сакаат и е се наоѓа на дневна агенда.
Ова, потенцираше Груевски е последниот час кога ќе треба да се изреагира за да се заштитат луѓето, затоа што правдата е на наша страна.
- ВМРО-ДПМНЕ ќе ја води таа битка за правдината и за татковината и ќе биде на чело на таа светла битка со идеја, со чест и со име. Таа битка ќе биде тешка и долга, но мора и ќе резултира со победа, рече Груевски.
Секаде со народот, тоа е нашата максима која ја остваривме. На улиците, по домовите, секаде каде што треба, нагласи Груевски дополнувајќи дека сите кои се дел од како што рече од овој политички прогон, треба да знаат дека тркалото се врти.