Владеењето на правото е предуслов за една демократска Република Македонија кон која што сите стремиме заеднички и вие како медиуми и ние како политичари и целото општество воопшто. Сметам дека треба да се даде простор на целиот процес да излезе вистината на виделина, да веруваме во институциите секако со почит кон сите институции, изјави пратеникот од ДУИ Артан Груби во врска со денешните настани и приведувањата на неколку пратеници.
За тоа, како што рече Груби, дали смее да се апсат пратеници треба да се произнесе претседателот на Собранието и претседателот на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања.
- Штом ќе се извести Собранието претпоставувам дека собраниските тела ќе се состанат за да проценат како да се продолжи понатаму, рече Груби по денешната свеченост по повод Денот на албанското знаме – 28 Ноември.
Запрашан да го коментира денешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ пред судот поради приведувањата на нивни пратеници и поддржувачи, пратеникот на ДУИ рече дека сите ние заедно треба да дадеме придонес за смирување на ситуацијата, а не да потпалуваме страсти, туку треба да ги почитуваме сите институции и Обвинителството, и полицијата, и политичарот, и пратеникот, и политичките партии...
-Да дадеме придонес кон смирување на ситуацијата и излегување на вистината на виделина за тоа што се случило, рече пратеникот Груби.
Во врска со пополнување на испразнетите места во Владата, Груби кажа дека штом ќе се договорат коалициските партнери ДУИ и СДСМ, односно премиерот Зоран Заев и лидерот на партијата Али Ахмети, предлогот ќе биде испратен до Собранието. - Има многу стабилна влада со стабилно парламентарно мнозинство. Реформска влада која што има огромна поддршка кај нашите пријатели од Европа. Штом се договорат Заев и Ахмети, а сметам дека веќе се договорени, ќе следува и предлогот од страна на Владата до Собранието за да се изберат новиот министер за здравство и новиот заменик-министер за образование и министер без ресор и претпоставувам уште некоја нова функција, рече Груби.
На денешната свеченост во хотелот „Александар Палас“ не присуствуваше ниту еден министер или претставник на Владата од коалициските партнери на ДУИ од редовите на партиите на Македонците.
Одговарајќи на новинарско прашање дали тие биле поканети и зошто не присуствувале, Груби рече тие не биле поканети бидејќи настанот не бил владин, институционален како што кажа, туку бил под покровителство на лидерот на ДУИ Али Ахмети.