Брисел е неподготвен додека Кина пружа рака кон Источна Европа, објави „Фајненшел тајмс“ истакнувајќи дека постои загриженост во Европска унија за се поблиските врски на Пекинг со „сиромашните нации во Европа“.
– Ваков регионален пристап наидува на голем сомнеж, не само во Брисел, туку и во другите главни градови на голем број земји членки на ЕУ, изјави неименуван дипломат за „Фајненшел тајмс“.
Друг висок дипломат од една европска држава наведува дека тоа е само „врв на ледениот брег“.
– Самитот 16+1 се однесува на низа работи, а некои од нив задираат и во компетенцијата на ЕУ или се движат кон нови области во кои веќе постојат иницијативи помеѓу самата ЕУ и Кина, посочи дипломатот за „Фајненшел тајмс“.
Лондонскиот весник забележува дека додека учесниците на Самитот, како што се Унгарија („отворање кон Исток“ и „голема можност’“) и Србија („лепило за големо пријателство“) ја фалат иницијативата, дипломатите во Брисел се плашат дека Кина ќе ја искористи иницијативата 16+1 да ги поткопа правилата на ЕУ и ќе ги искористи тензиите помеѓу Истокот и Западот во самиот блок.
„Фајненшел тајмс“ како две големи грижи за ЕУ ги наведува „се поголемите напори да се користи влијанието во Централна и во Источна Европа да се влијае на заедничката европска политика кон Кина“ и тоа што „некои држави од 16+1 своите врски со Кина ќе ги искористат за подобра преговарачка позиција во Брисел“.