Синоќа си легнавме во Македонија, сабајле се разбудивме во Белорусија. Нели се бореа против режим? Е ова е режим. Сега има режим во оваа држава, истакна Филип Петровски од ВМРО-ДПМНЕ од пред Основниот суд Скопје 1 каде има организиран протест против приведување на лицата, во врска со настаните од 27 април.
-Барам од ВМРО-ДПМНЕ, од мојата партија под итно да се консолидира и да се радикализира, да го повика членството на улица, да се подигнат шатори пред Суд, пред Влада, пред Собрание, да се подготви повлекување од сите институции, да се најави повлекување од Парламент, од сите локални совети. Ете му ја на режимот власта, народот ќе излезе на улица. И тогаш ќе видиме дали може сите да не уапсат, рече Петровски и се осврна на настанот од 27 април:
„И јас бев во Собрание на 27 април. Влеговме да го спречиме државниот удар, а не да предизвикаме, државниот удар го предизвика Зоран Заев со најавата дека по секоја цена ќе бира претседател на Собрание откако беше затворена сесијата на тоа Собрание. Изборот на Талат Џафери е нелегитимен и народот влезе да го спречи тоа. Ќе се дигнеме и сите ќе излеземе на улица, ниту снег, ниту дожд, ниту минусни температури нема да не сопрат. Остануваме на улица, нема предавање“.