Премиерот Зоран Заев изјави дека синоќешната средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски што ја имал во кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов поминала конструктивно и оти тема на разговорите, како што соопштија и од кабинетот на Иванов, и како што изјави денеска и Груевски, била нормализација на политичките процеси по апсењето на триесетина лица инволвирани во настаните од Собранието.

– Разговаравме отворено се со цел како одговорни субјекти преку дијалог да изнаоѓаме решенија за прашања кои се проблематични за кои било од страните во државата. Посебно беше нагласена потребата опозицијата да биде целосно инклузивно вклучена во процесите кои доаѓаат, а секако го изразуваат своето незадоволство поради случаи кои имаат одредна правна импликација изразена преку предметите кои се водат од страна на правосудните органи, рече Заев.

Информираше и оти синоќа било договорено средбите и разговорите да продолжат и натаму.

Заев одби да ги коментира одлуките на судот на тринаесет осомничени лица да им одреди притвор, а на шестмина куќен притвор.

– Не би сакал да ги коментирам судските одлуки или слично. Јас се посветувам на политичкиот аспект поради тоа што сум политичар. Очекувам да се почитуваат Уставот и законите. Да се води грижа комплетно за почитување на правните норми во нашата земја и ништо повеќе и ништо помалку, рече Заев.

Додаде и дека верува оти во Македонија мора да има владеење на правото мора да има, но дека истовремено мора да се внимава заради перспективите на државата.

– Македонија е исправена пред сериозни процеси. Не очекуваат сериозни реформи и верувам дека во тој дух апсолутно ќе можеме преку разговор со политичките субјекти да изнаоѓаме политички решенија, рече премиерот Заев.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2017 16:30