Има можности за соработка на странските инвеститори со домашните компании, но соработката оди многу тешко бидејќи домашните компании не се подготвени на ризик и немаат стратешки визии, сметаат странските инвеститори.
Аврам Стојчевски, претседател на Асоцијацијата на автомобилска индустрија при Советот на странски инвеститори во Стопанската комора на Македонија, вели дека домашните компании би имале бенефит од соработката со странските инвеститори бидејќи нивниот производ не останува само во Македонија, туку му се отвораат вратите и на пазарот надвор од државата.
- Не е точно дека странските компании не сакаат да соработуваат со домашните компании. Одговорно тврдам дека сакаме да соработуваме, истакна Стојчевски на денешниот бизнис форум посветен на соработката меѓу странските инвеститори и домашните компании што го организира Советот на странски инвеститори.
Странските инвеститори препорачуваат да се направи и разлика меѓу странските компании кои вложуваат во ТИРЗ зоните и оние кои инвестираат надвор од нив.
- Субвенциите одат во ТИРЗ зоните, а има и други странски компании кои дејствуваат како локални фирми. Од 136 членки кои ги имаме во Советот на странски инвеститори, околу 120 се странски компании кои се перципираат како домашни компании и тие плаќаат даноци. Десетте топ компании прават обрт од 1,5 милијарди евра и притоа плаќаат даноци од 15 милиони евра годишно без да добијат субвенции, а вработуваат околу 10 илјади работници од Македонија, посочи Шефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори.
Анализите покажуваат дека во моментот странските компании кои користат директна државна помош соработуваат само еден процент со домашните компании и тоа во делот на набавката на храна, чистењето и обезбедувањето.
Од Владата најавуваат дека за две недели ќе ја објават програмата за економски раст која е насочена кон добивање на резултати и која има јасни критериуми, а со која подеднакво ќе бидат третирани и странските и домашните компании. За нив, од Буџетот се очекува да бидат одвоени околу 30 милиони евра.
- Ги стимулираме странските компании да ја зголемат соработката со домашните компании. Доколку странска компанија над 10 проценти од набавките ги извршува од македонски компании, Владата ќе ги поддрши со еден процент од вкупно направените набавки, истакна вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Дел од мерките предвидуваат и секоја компанија која ќе креира ново работно место и притоа преземе најмалку 80 проценти од новокреираните работни места од Агенцијата за вработување, директно од образовниот систем или од администрација, ќе добие 20 проценти поврат од нето платата, ако даде плата над 18 илјади денари. Поддршка ќе добијат и оние компании кои ќе имаат пораст на приходите поголеми во споредба со просекот од последните три години и доколку не го намалат бројот на вработени, како и компании кои направиле нова инвестиција или се извозно ориентирани.
Странските инвеститори се задоволни од мерките, но сметаат дека она на што треба државата да посвети внимание е поддршка на иновативните решенија, поголема фексибилност на финансискиот и банкарскиот сектор и надоградба на образованието соодветно на потребите на странските инвеститори.