Стопанската комора на Северозападна Македонија денеска по седми пат ги прогласи најуспешните 100 компании меѓу своите членки.

Според претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа, во услови на двегодишна политичка неизвесност, на надворешни влијанија од мигрантската криза и тешкотии на стопанствата во соседните земји, многу е важно да се поздрават компаниите што благодарение на докажаната професиналност и оптимизам постојано успевале да ги водат своите проекти напред и кои се надева дека ќе продолжат да бидат такви и следната година.

– Со поддршка на државните институции најверојатно успесите уште повеќе ќе се зголемат. Нашето стопанство поради политичката криза која остана зад нас помина тежок период. Дојде времето економијата да биде нашата најважна државна агенда. Не можеме да дозволиме и натаму да имаме ваква состојба. Сите сме свесни дека вака не оди. Владата кажа дека ќе работи на тоа и ние тоа го поздравуваме и поддржуваме. Но, секако ако нешто не оди како што треба, нема да седиме со скрстени раце и како секогаш ќе бидеме гласни и конструктивни за да предложиме и да критикуваме со една единствена цел заедно да придонесеме за економскиот развој на државата, рече Хоџа.

Според Хоџа, потребен е нов приод за да се исполнат потребите и барањата на бизнис заедницата за одржлив економски развој, за да се изгради инфраструктурата, да се зачува интелектуалната сопственост, да се либерализираат пазарите и капиталите и агресивно да се бранат законот, даноците, образованието… Неопходен е отворен дијалог, истакна Хоџа, и бизнис заедницата да биде вклучена во процесот на одлучување особено за законите кои имаат клучно влијание во економијата.

Премиерот Зоран Заев порача дека Владата е отворена за дијалог со бизнис заедницата и оти бизнисмените можат да сметаат на неа како на достоен партнер и сервис кој постои ќе им служи. Како дел од општствената одговорност, наведе Заев, компаниите мора да сметаат на законското работење со чесно плаќање на сите обврски кон државата, додека владините политики мора да се фокусираат и да произлегуваат од постојаниот отворен дијалог со бизнис заедницата за создавање услови за натамошен раст и развој и за поуспешно премостување на предизвиците со кои се соочуваат на терен.

Ова, посочи, е особено важно ако се имаат предвид потенцијалите на првите 100 рангирани компании на Стопанската комора на Северозападна Македонија, кои само во 2016 година имале обрт од 661 милион евра, добивка од околу 43 милиони евра и приближно шест илјади вработени.

– Тоа се бројки за почит и ја потврдуваат општествено одговорната улога на менаџментот на овие компании во однос на благосостојбата на заедницата и на граѓаните, во средините во кои егзистираат и работат и имаат влијание и во вкупното општествено живеење во Република Македонија, нагласи Заев.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2017 16:58