Македонија е една од земјите со кои Србија забележа најголем трговски суфицит во изминатите десет месеци.
Според српскиот Републички завод за статистика во првите десет месеци од оваа година Србија во Македонија најмногу извезувала топло валани ленти во котури и сончогледово масло, а од Македонија во Србија најмногу се увезле вино и лекови.
Србија со земјите од ЦЕФТА во текот на десет месеци забележа трговски суфицит од 1,5 милијарди евра, при што извозот „тежел“ 2,17 милијарди, а увозот 669,3 милиони евра. Покриеноста на увозот со извоз изнесува 324,7 отсто.
Освен со Македонија, Србија најголем суфицит остварила и со Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Извозот на Србија во периодот јануари-октомври 2017 година се зголемил за 13,5 отсто или за 12,55 милијарди евра на годишно ниво, а увозот за 13,9 отсто или за 15,91 милијарда евра, соопштија од српскиот Републичкиот завод за статистика.
Вкупната надворешно-трговска размена на Србија во овој период е зголемена за 13,7 отсто, на 28,37 милијарди евра. Трговскиот дефицит со светот е зголемен за 15,4 отсто на 3,36 милијарди евра на меѓугодишно ниво, што значи дека е намалена покриеноста на увозот со извоз, кој сега изнесува 78,9 отсто во споредба со 79,2 отсто за истиот период лани. Изразено во долари, вкупната надворешно-трговска размена на Србија во првите десет месеци достигнала 31,88 милијарди, што претставува зголемување од 14,1 отсто на годишно ниво.
Србија извезла стоки во вредност од 14.06 милијарди долари, или 13,8 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година, додека увозот изнесувал 17,82 милијарди долари, што претставува зголемување од 14,3 проценти.
Дефицитот изнесува 3.76 милијарди долари, што претставува зголемување од 15,9 проценти.
Земјите-членки на Европската унија сочинуваат 64,2 отсто од вкупната размена на Србија. Најмногу стоки Србија извезла во Италија, во вредност од 1,7 милијарди евра, а најмногу увоз има од Германија, за две милијарди евра.
На листата на првите пет производи во севкупниот извоз на Србија, првото место го заземаат - сетови спроводници за авиони, возила и бродови (84 милиони долари.), второто место му припаѓа на извозот на нови гуми за автомобили (48 милиони долари.), на третото е извозот на рафиниран бакар со 37 милиони долари, како и извозот на автомобили со 32 милиони долари.
Во Србија најмногу се увезла сирова нафта, делови и прибор за моторни возила, потоа лекови на мало, телефони и природен гас.