Одлуките на судот за изрекување притвори за уметници, актери, режисери и луѓе кои целиот свој работен век го посветиле на одбрана на државата се целосно неосновани и се одраз на политички реваншизам. Нивниот единствен грев е тоа што си ја сакаат државата и што јавно се спротивставуваа на антимакедонските политики. Тие ниту се, ниту некогаш ќе бидат терористи.

Одлуката да се испрати во притвор оперски пејач, кој е татко на три деца и истиот да се изедначи со терористите од Диво Насеље е срамна.

Одлуката да се испрати во притвор креативен режисер, лекар кој спасил безброј животи и татко на три деца, одлуките за притвор на семејни луѓе пратеници, поранешни припадници на безбедносните сили кои ја бранеле Република Македонија и млади луѓе кои немаат извршено кривично дело и со тоа да се изедначат со терористите од Диво Насеље е срамна.

Ваквата политичка инквизиција ќе остане забележана на најцрните страни во историјата на државата.

ВМРО ДПМНЕ го осудува политичкиот прогон кој владејачката хунта во моментов го реализира преку своите полуги во Обвинителството и Судовите.

Притворите, како и целата политичката хајка која ја спроведува СДС имаат за цел кршење на рбетот на македонскиот народ и држава. На удар е секој кој си ја сака Република Македонија и се спротивставува на антидржавната политика. На удар е компактноста на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која се спротивставува на штетните политики на СДС, како договорот со Бугарија, антиуставниот закон за двојазичност и најавената промена на уставното име на државата.

Власта се изживува со македонските патриоти обвинувајќи ги за наводен тероризам. Влече по судови и по притвори луѓе кои целиот свој живот немаат ни на мравка згазнато, а подготвува закон за амнестија на над 1000 затвореници, сторители на тешки кривични дела.

Судовите во Република Македонија одамна не се независни. Хунтата на власт го држи во грч целото судство. Затоа се определува притвор за чесни луѓе патриоти, а во обид да ослободат терористи повторува предмети како „Монструм“ во кои беа свирепо ликвидирани 5 момчиња или најавува меѓународни истраги за терористите од „Диво Насеље“ кои убија 8 припадници на македонската полиција.

За оваа хунта нема ниту закони, ниту правила. Како на дивиот запад се елиминира секој што слободно размислува и се грижи за оваа држава. Ова е уништување на слободната мисла и пресметка на сите кои ја сакаат оваа Македонија и македонскиот народ.

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи газење врз Македонецот и македонската држава. ВМРО-ДПМНЕ ќе застане во првите редови во одбрана на патриотите, демократијата, правната држава и слободната мисла. ВМРО-ДПМНЕ била и останува со народот.

ВМРО-ДПМНЕ бара:

1. Безусловно запирање на сите овие процеси на политички прогон.

2. Итно и безусловно запирање на малтретирањата, на теророт и изживувањето кое го прави СДС.

3. Итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој класичен политички прогон.

ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека сите поединци кои свесно учествувале во овој политички прогон со кој се кршат законите и Уставот на државата ќе одговараат со враќањето на правната држава и демократијата во Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2017 18:42