Белата куќа денеска сооопшти дека Рекс Тилерсон ќе остане на чело на Стејт департментот, откако се појавија спекулации дека на негово место, како шеф на американската дипломатија може да дојде директорот на ЦИА, Мајк Помпео.

Портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс изјави дека „засега нема најави“.

– Тилерсон продолжува да го води Стејт департментот и целата Влада е фокусирана на завршување на неверојатно успешната прва година од администрацијата на Трамп, изјави Сандерс.

„Њујорк тајмс“, повикувајќи се на анонимни извори во американската администрација, јави дека Белата куќа разгледува план за замена на државниот секретар Рекс Тилерсон со директорот на ЦИА Мајк Помпео.

Според весникот, Белата куќа подготвила план за отстранување на Тилерсон, за кој се тврди дека е во затегнати односи со американскиот претседател Доналд Трамп, и за негова замена со Мајк Помпео и тоа во следните неколку недели.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера одби да ги коментира таклвите наводи.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2017 19:42