Во Македонија имавме насилие врз полицијата, врз институциите, врз држава од таканаречена „Шарена револуција“. Подоцна имавме државен удар во Собранието каде се создаде и инсталира нелегитимна власт во Македонија, истакна членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Србов на вечерашниот протест на партијата пред Кривичниот суд.
-Таа власт денеска се справува со сите нејзини неистомисленици и сега слободно можеме да кажеме ДА во Македонија има хунта на власт која работи спротивно на волјата на народот, власт која ги апси сите нејзини неистомисленици, власт која го апси сопствениот народ и работи против интересите на државата, вели Србов.
Тој додава дека сето ова апсење има една цел.
-Да се замолкне и да се исплаши народот во пресрет на промената на уставното име на Република Македонија. Тие мислат дека ние треба да бидеме исплашени и да седиме дома и да се излеземе на протест кога ќе дојде моментот да го менуваат името, да не дозволат да се бориме за она што природно ни припаѓа, правото на постоење. Ние сме Македонци и тоа ќе останеме, потенцираше Србов.