Демократската унија за интеграција ја поздравува одлуката на Врховниот суд за повторно судење за случајот „Монструм“ и ослободување на обвинетите да се бранат со слобода.

Од партијата велат дека барањето на обвинителството, како и одлуката на судиите се праведни и во согласност со нивните и, како што велат, очекувањата на граѓаните.

„Уште од почетокот на истрагата, и потоа и на судењето на случајот, Демократската унија за интеграција инсистираше на целосно осветлувањето на вистината, транспарентно судење на случајот со истакнат меѓународен мониторинг и регионална соработка на институциите. Остануваме силно посветени за реформи во судството според препораките на Европската Унија и за владеење на правото и законот и во сите други спорни случаи кои предизвикаа сомнежи за сите нас“, велат од ДУИ.

Од партијата велат дека изразуваат жалење и аверзија за злоупотреба од страна на албанските политички партии во нивните реакции на овој, како што велат, посебен ден и оваа добра вест.

„Политичката злоупотреба со судбината на луѓето и непридонесувањето за решавање на спорните прашања се заменува со навредлива, разделувачка и поттикнувачка реторика. За ова, граѓаните ја прават најдобрата и најправедната проценка“, велат од ДУИ.

На обвинетите Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута, кои вчера беа ослободени од затвор, им се определени други мерки за претпазливост, односно забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, како и двапати неделно да се јавуваат во Основниот суд Скопје 1.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2017 00:38