Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од лидерот на партијата, Никола Груевски, вечерва протестираа пред истражниот затвор во Шуто Оризари.
Учесниците на протестот, кој почна во 18 часот, побараа запирање на, како што рекоа, „политичкиот прогон, малтретирање и терор“ и побараа „ослободување на сите лица кои се цел на тој политички прогон“.
На протестот, Владимир Ѓорчев ги поздрави актерите од МНТ затоа што покажале солидарност со својот колега, Владо Јовановски.
– Тоа е театарот на Ристо Шишков, а денеска Владо Јовановски стана новиот Ристо Шишков. Зарем актер кој никого не нападнал, не удрил, не раскрварил треба да биде суден за тероризам, за дела против државата и уставниот поредок – праша Ѓорчев.
Тој најави дека протестот утре ќе се одржи во 16.30 часот пред Владата, но исто така и пред Министерството за правда, кај споменикот на Христо Узунов.