На Хаваите вчера првпат од крајот на Студената војна се огласија сирените, со цел да ги предупредат локалните жители и туристите на можен нуклеарен напад од Северна Кореја.
Хавајската Управа за вонредни состојби соопшти дека со ова Хаваите станаа прва американска сојузна држава што ќе го врати во употреба системот за предупредување од времето на Студената војна.
Сирените за воздушна опасност се огласија една минута по стандарното тестирање за предупредување на опасност од цунами и други природни катастрофи.
- Веруваме дека е императив да бидеме подготвени за секоја катастрофа, а во денешниот свет тоа вклучува и опасност од нуклеарен напад, изјави гувернерот на Хаваите, Дејвид Иџ.
Тој нагласи дека целта на тестирањето е јавноста да знае што треба да прави во случај на непосреден напад.
Според најавите, тестирањата на сирените за нуклеарен напад ќе се спроведуваат секој прв работен ден во месецот.
Доколку ракета од Северна Кореја биде лансирана кон Хаваите, локалните жители и турисите би имале време од 20 минути да побараат засолниште.
Хаваите за наоѓаат на околу 7.400 километри од Северна Кореја, па според проценките, Пацифичката команда на Воената морнарица на САД би имала пет минути по евенталното лансирање на ракета да утврди во кој правец се движи таа, по што присутните на островите би имале време од околу 15 минути да најдат засолниште, имајќи пред вид дека во државата повеќе нема нуклеарни засолништа.
Тестирањето на сирените следи откако во вторникот Северна Кореја лансираше балистичка ракета, која по 50 минути лет падна во морето во близина на брегот на Јапонија.
Претходниот ракетен тест Северна Кореја го изврши на 15 септември.