Претседателот на Национална демократска преродба (НДП), Весел Мемеди, во соопштение до јавноста вели дека не е вклучен во ниту една притивзаконска активност за настаните во Собранието на 27 април, откако некои медиуми објавија дека полицијата извршила претрес во неговиот дом, при што му бил одземен мобилниот телефон, поради сомнеж за негова вклученост во настаните од 27 април во Собранието.
„Во оваа акција на правните органи за обелоденување на вистината за настаните во парламентот, беше вклучено и моето име како еден од осомничените за овој настан. Намерно молчев за да им се овозможи на овие правни органи непречено и професионално да си ја завршат работата, без ниту една внатрешна или надворешна пречка. Иако моето име беше спомнато без ниту едно право, мило ми е штo дојде време за нашата вина или невиност да зборуваат правните органи, а не насилниците и клеветниците“, се вели во соопштението на Мемеди.
Тој ја поздрави и одлуката на Врховниот суд за ослободување на обвинетите во случајот „Монструм“ и бара, како што вели, да се најдат вистинските убијци и што побргу да излезат пред судот.