Како знак на солидарност кон работниците кои бараат повисоки плати, премиерот на Словачка, Роберт Фицо одработел една осумчасовна ноќна смена во фабрика во околината на Братислава.
Потегот на Фицо следува по спротивставувањето на германски инвеститор на законот за повисоки плати за ноќен труд предложен од Владата. Според предлог законот работниците за ноќна смена би добивале бонус од 1,4 евра по час, наместо досегашните 50 центи, додека надоместот за работа во недела е предвидено да изнесува 100 отсто во однос на регуларната сума.
– Една од најголемите предности на пазарот во Словачка – поволните и флексибилни економски услови за работа во текот на ноќта и за време на викендите – е загрозена од ликвидација со еден удар, гласи ставот на Комората.