Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, рече дека предлог-буџетот за 2018 година на Министерството за транспорт и врски изнесува 92,3 милиони евра, пари кои се предвидени за капитални проекти.
При презентацијата на предлог-буџетот, Сугарески додаде дека овие пари ќе бидат наменети за инвестиции во делот на гасификацијата, железничката и за комуналната инфраструктура. За гасификација се предвидени 36 милиони евра.
– Во патната инфраструктура продолжува изградбата на автопатиштата. Планирано е во март следната година да биде пуштен автопатот Демир Капија – Смоквица, до крајот на септември да биде изграден автопатот Миладиновци – Штип и дополнително да се направи анекс на договор за изградба на автопатот Кичево- Охрид, за што преговорите се во завршна фаза – рече Сугарески.
На крајот на следната година или на почетокот на 2019 година, треба да почне изградбата на автопатот Скопје-Блаце. Изградбата на патот Дебар – Тирана ќе биде и една од темите на најавената заедничка седница на владите на Македонија и на Албанија, покрај железничката линија Кичево – Лин, за која е завршена проектната документација.
Во текот на 2018 година ќе почне и реконструкција на 26 патишта во земјата.