Од Стопанската комора на Македонија оценуваат дека следната година градежништвото повторно ќе биде двигател на економијата. Според нив интензитетот на градба во Македонија во изминатите девет месеци од годинава се намалил, иако постои фонд за изградба, а намалување било забележано и на договорените и извршените работи во странство.

Долготрајното предавање на власта и административните пречки во носењето одлуки и решенија за реализирање на проектоте тие ги гледаат како главни причини за кризата во градежништвото.

– Последиците од политичката криза почнаа во голема мерка да се чувствуваат во градежништвото кое беше главен двигател на економијата во последните години и главен причинител на високиот пораст на БДП. Интензитетот на градба согласно договорените работи во изминатите девет месеци од годинава не се намалува, но се намалува извршувањето. Посебно влијание врз вредноста на изведените работи имаше и фактот што во изминатиот период имавме и намалени активности во делот на јавните набавки, рече Андреа Серафимовски, претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежните материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија на денешната прес-конференција.

Според него трендот ќе продолжи и до крајот на годинава, а се надева дека во следната ќе биде ставен крај на политичката криза и дека ќе биде подобра година за градежништвото.

Како главна причина за недоволниот квалитет на објектите Серафимовски го посочи критериумот најниска цена при јавните набавки и електронското спроведување на наддавањето.

– Дури 80 отсто од сите проблеми во градежништвото потекнуваат од критериумот најниска цена при јавните набавки, рече Серафимовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2017 17:04