Со овластување дадено од претседателот на Собранието Талат Џафери, од денеска јас ќе претседавам со Комисијата за финансирање и буџет. Токму затоа за денеска во 13 часот закажав продолжение на оваа Комисија, на која ќе продолжи општата расправа за Предлог-Буџетот за 2018 година.

Ова беше неизбежен чекор, бидејќи сите сме сведоци дека изминатава недела секојдневно седниците беа закажувани и откажувани, а роковите течат. Наша обврска е да ја запазиме процедурата за усвојување на еден од најважните документи, од кој зависи целокупното функционирање на државата.

Ние, како владејачко парламентарно мнозинство сме должни да обезбедиме општа и амандманска расправа за Буџетот. Верувам дека и пратениците од ВМРО-ДПНЕ ќе учествуваат на седницата и ќе дадат свој придонес во подготовката на Буџетот, со оглед на тоа што имаат поднесено голем број амандмани.

Доколку одлучи да се вклучи во работата на Комисијата за финансирање и буџет, претседателката Лилјана Кузмановска може во секое време да продолжи и да претседава со Комисијата.

За нас како пратеничка група е клучно да има конструктивна и квалитетна дебата за Буџетот.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/12/2017 02:09