Самохраните мајки во земјава мака мачат за да се вработат. Анализите покажуваат дека околу 30% од нив се невработени и неопходна им е помош за полесен пристап до пазарот на труд, велат учесниците на завршната конференција за проектот „(Само)вработување за самохрани мајки“, финансиран со европски пари.

Самохраните родители се посебна категорија, особено мајките оти во нашето општество тие се во неповолна состојба заради економската состојба, велат тие.

- Тие се вознемирени, немаат поддршка и токму поради тоа ваквите проекти значат од аспект не заради тоа што ќе ти помогнат економски, туку и заради тоа што ќе покажат дека некој во општеството се грижи за нив, дека навистина забележува дека се посебна категорија на луѓе на кои им треба помош, истакна Емилија Голова, самохрана мајка и учесник во проектот вели дека самохраните родители

Дека во моментов во Македонија тешко се доаѓа до вработување, потврдуваат и од Здружението на бизнис жени. Велат газдите треба да се свесни дека самохраните мајки треба да бидат вработени со оглед на нивните проблеми.

- Во оваа држава во принцип тешко се доаѓа до вработување. Самохраните мајки се посебна група затоа што не само што немаат работа туку го имаат и оној терет на излегување од дома и теретот на стигматизам од околината и затоа е потешко нив да ги извлечеме од дома и да ги вработиме. Меѓутоа со ваквите програми кои се позитивен пример сметам дека може да им помогнеме и на нив и на децата, рече претседателката на Здружението на бизнис жени на Република Македонија, Валентина Дисовска.

Газдите, но и сите инволвирани во општеството треба да имаат еднаков третман при вработувањето и работодавачите да не објавуваат огласи кои ќе бидат дискриминаторски, велат од Бизнис конфедерација на работодавачи. Важно е, велат, дека сите имаат право на еднакви можности.

- Се повеќе и повеќе се крева свеста во Македонија и важно е дека луѓето ги третираме исто без оглед дали се со попречености или се во некоја друга категорија. Важно е дека на сите треба да им се дадат еднакви можности, истакна Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на работодавачи.

Агенцијата за вработување како институција која има потенцијал за нови техники за вработување, треба креира мерки за вработување на оваа категорија во Оперативниот план, а не да објавува само штури огласи кои пред време се пополнети. Инаку, Проектот опфати самохрани мајки од Скопје, Штип и Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/12/2017 23:39