Швајцарскиот инвестициски фонд, ФОС, го организираше потпишувањето на Меморандумот за разбирање со банките, како и депонирањето средства за започнување на операциите во ФЕНИ.

Со тоа тие покажаа дека се сериозни во намерата за преземање на ФЕНИ. Како што информираат од фондот, тие имаат план за рестартирање на Комбинатот и Фондот е подготвен да се посвети на потребните инвестиции во фабриката.

„Имаме финансиски капацитет да инвестираме во ФЕНИ, бидејќи во овој момент само влезот на сериозни финансиски средства и инвестиции може да направи значајна разлика во работењето. Ова е сериозен бизнис и како таков бара сериозни инвестиции и оператори. Нашето докажано искуство во оваа индустрија е неопходно за успешно да го реализираме овој план: успешно ги преструктуиравме операциите и управувавме со рудник и фабрика за производство на фероникел со Фалкондо во Доминиканската Република, откако го купивме од Glencore во 2015. Имаме план веднаш да ја рестартираме фабриката на ФЕНИ, постепено да ги прошируваме нејзините операции и да оствариме дополнителни вработувања на долг рок. Веќе го направивме бараниот депозит од страна на банките, согласно нашите обврски во Меморандумот за разбирање. Многу сме среќни што платите на вработените беа исплатени оваа недела”, изјави Маркос Камхис, основач и извршен директор на ФОС Асет Менаџмент.

Од ФОС информираат дека Камхис во 2015 година бил одговорен за преземањето на рудник и фабрика во Доминиканска Република. При приземањето фабриката била нефункционална и биле вработени само 100 лица, а денес таа бројка пораснала на 1300, од кои само 15 не се државјани на Доминиканска Репубика.

Од ФОС Асет Менаџмент објаснуваат дека случајот со ФЕНИ, земена предвид експертизата и неодамнешните активности, ќе биде полесен, имајќи го предвид и фактот дека има слична технологија на производство, како и во Фалкондо, од каде веќе имаат позитивни резултати. За ФОС, ФЕНИ е фабрика која има иднина. „Ние ќе ги задржиме сите вработени, а на долг рок планираме и нови работни места”, рече Камхис, истакнувајќи дека нема да увезуваат менаџери за работа во фабриката, туку дека нивниот план е да ги задржат луѓето кои со години работат и имаат искуство, да бидат ставени на раководни позиции.

ФОС Асет Менаџмент е швајцарска овластена инвестициска компанија, специјализирана за приватен капитал, недвижен имот и финансиски услуги. ФОС е регистрирана инвестициска компанија според швајцарското право и е член на швајцарското регулаторно тело за компании за управување со средства. Тимот на ФОС се состои од професионалци за овој тип инвестиции и советува портфолио од повеќе од една милијарда долари.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2017 00:30