Бугарите повеќе трошат пари за одржување на своите автомобили, отколку за опремување на домовите, наведува Статистичката агенција на ЕУ - Евростат во анализата на вкупната потрошувачка за мебел, апарати за домаќинство и одржување на домовите во земјите членки на Унијата во 2016 година.
Според Евростат, просечниот Бугарин за одржување на својот автомобил троши 7,6 отсто од вкупните приходи, додека за опремување на домот одделува само пет проценти од заработеното.
Податоците на бугарскиот Национален стаистички институт (НСИ), покажуваат дека за опремување на домовите, Бугарите во 2016 година потропиле околу 5,5 милиони евра.
Според НСИ, за реновирање, одржување или опремување на домовите просено бугарско домаќинство лани потрошило по околу 200 евра, додека трошоците по глава на жител за таа намена изнесувале околу 85 евра.
Во исто време, како што пренесува МИА, просечно бугарско домаќинство за одржување на автомобилите трошело над 350 евра или околку 160 евра по глава на жител.
Лани речиси сите жители на Бугарија во своите домови имале телевизор, фрижидер, машина за перење алишта и телефон, 52 отсто имале компјутери со пристап до интернет, а 35 проценти клима уреди.