Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека неговата земја нема територијални претензии кон ниту една друга држава. Тој ги коментираше реакциите на неговиот став за преразгледување на Лозанскиот договор од 1923 година.
– Доколку биде преразгледан, Лозанскиот договор може да биде осовременет. Во меѓу време ние ги променивме дури и уставите во парламентите, но ова прашање остана како опсесија, изјави Ердоган.
Претседателот на Турција за време на посетата на Грција истакна дека одредбите од договорот од Лозана се застарени и дека треба да се преразгледаат, посочувајќи го прашањето за муслиманските жители во Западна Тракија, кои Атина ги именува како муслиманско, а Анкара турско малцинство.
Претседателот на Грција кажа дека во Грција има муслиманско малцинство и дека нивните права целосно се почитуваат. Павлопулос смета дека договорот од Лозана е основата која го зајакнала пријателството меѓу земјите.
Ердоган денеска уште еднаш повтори дека Турција само бара целосно почитување на „правата на Турците во Западна Тракија, кои се признати со Лозанскиот договор“.
Осврнувајќи се на реакциите на Атина на неговата идеја за преразгледување на Договорот, Ердоган нагласи дека тој сепак не е склучен само меѓу Турција и Грција.
Договорот од Лозана го потпишаа Турција и државните сојузнички од Првата светска војна – Велика Британија, Грција, Италија, Јапонија, Кралството на Србија, Хрватите и Словенција, Романија и Франција на 24 јули 1923 година. Со него е склучен мир меѓу Анкара и останатните потписнички и се утврдени границите на турската држава, како и размена на население меѓу Турција и Грција.