Замеруваат дека не сме биле многу, јас ќе им кажам колку сме, толку сме токму сме. Ние сме потомци на Кочо Рацин, ние сме пирејот на Петре М. Андреевски, ние сме деца на Прличев, некој кој сакаше да го направи велешанец, кој не се знае ни самиот себе си, истакна Крсте Јовановски на денешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ пре Истражниот затвор во Шуто Оризари.
-Истиот тој Прличев има речено „Оној што не си ја милвит таткоината, не можит да бидит чесен чоек“. Ние си ја милуваме татковината и затоа сме тука, затоа што ја браниме и чуваме, затоа што сме патриоти. 36 терористи на 2 милиони луѓе, рекорд над рекордите, терористи фатени како спиеја во своите кревети рано изутрина. Тоа ли се терористи? Терористи кои ги фатиле на спиење, кој кого лаже? Каде е демократијата која ја заговараше тој човек, ако е човек? Во една земја во која се притвораат уметници нема демократија. Уметниците како Игор, како Владо, Борис кои имаат свои идеали и соништа не можат да бидат терористи. Овде деновиве сме сведоци на луѓе кои гладуваат, гладот е одраз како искушение за нашата татковина. Русјаков гладува, нагласува Јовановски.
Тој истакна дека СДСМ најавува дека македонскиот народ повеќе нема да има историја и дека нема да се учи историја, ќе се учела иднина.
-Ова ли е иднината на Македонија? Знам дека меѓу гласачите на СДСМ сепак има Македонци со големо М. Каде сте да ве видам? Овде не е проблемот само на ВМРО-ДПМНЕ, проблемот е на цела Македонија. Од кого се плашите? Ова е вистинска хунта. Луѓе свестете се, ќе ни ја нема татковината, ќе не нема нас, прашува Јованоски.
Тој најави дека протестите продолжуваат и утре пред Министерството за правда во 18 часот.