По денешната средба во Анкара, шефовите на Русија и на Турција изјавија дека одлуката на Доналд Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел го дестабилизира Блискиот Исток.
Путин предупреди дека со оваа одлука САД нема да помогне во решавање на ситуацијата на Блискиот Исток, туку ќе го постигне спротивното – ќе ја дестабилизира и без тоа сложената ситуација во регионот.
Тој смета дека статусот на Ерусалим треба да биде договорен во директни преговори меѓу Израел и Палестина.
Турскиот претседател изјави дека на средбата со неговиот руски колега разговарале и за начините за решавање на конфликтот во Сирија и се договориле повторно да се сретнат во Сочи за да разговараат на оваа тема.
Путин истакна дека двете земји тесно соработуваат околу ситуацијата во Сирија, а се залжи и за интензивирање на билатералната економска соработка и ја изрази својата решеност за зголемување на трговската размена меѓу Русија и Турција.
Ердоган најави дека договорот за купување на противвоздушна одбрана С-400 за потребите на турската армија од Русија ќе биде финализиран во текот на оваа недела.
Ова е трета средба на двајцата претседатели за неполни три месеци. Претходно Путин ја посети Анкара на 28 септември, а на 22 ноември Путин и Ердоган се сретнаа во Сочи.