Владата со 43,37 милијарди денари во 2018 година ќе ги подобрува состојбите во областа на трудот и социјалната заштита, заштитата на децата, инклузијата на ранливи групи граѓани, деинституционализација на институциите за згрижување, а ќе овозможи и законско усогласување на пензиите и нивна редовна и навремена исплата и ќе работи на намалување на невработеноста.
- Предлог буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2018 година е највисок во износ, во споредба со сите ресори затоа што најголем дел од средствата одат директно кај граѓаните, рече на денешната прес-конференција министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Додаде дека најголемо зголемување на средства има во областа на детската заштита поради констатираните катастрофални состојби, а со цел поголем опфат на деца и подобрување на просторните и кадровските капацитети за згрижување на децата. За оваа намена предвидени се 1.578.290.000 денари. За изградба и опремување детски градинки и објекти за социјална заштита се планирани 58 милиони денари.
Царовска информира дека осум милијарди денари се наменети за социјални трансфери за над 120 илјади граѓани корисници на социјални надоместоци.
Во буџетот за догодина планирани се и средства за активни мерки за вработување и тоа во износ од 287.500.000 денари, а за трансформација на големите институции за згрижување кои не ги почитуваат човековите права во висина од 25.713.000 денари. Голем дел од буџетот или 29 милијарди 158 милиони денари се за стабилност, редовна исплата на пензии и редовното усогласување на пензиите.
Министерката Царовска потенцира и дека се скратени нерационалните трошоци и оти се намалени или укинати надоместоците за членување во комисии или работни групи.