Македонија во текот на октомври 2017 година ја посетиле 55.244 странски туристи кои оствариле 104.118 ноќевања. Најпосетено било Скопје, кое го посетиле 26.190 странски туристи, а најбројни биле туристите од Турција, Грција и Србија.
Според податоците на Државниот завод за статистика бројот на странски туристи е зголемен за 21,1 отсто, а бројот на ноќевањата за 15,4 проценти.
Во истиот месец бројот на домашни туристи изнесувал 22.535 туристи, кои оствариле 61.630 ноќевања. Бројот на домашни туристи и ноќевања остварени од нивна страна е намален за 5,3 проценти, односно за 5,9 отсто.
Вкупниот број туристи во октомври изнесува 77.779, а бројот на ноќевања 165.748.
Во периодот јануари-октомври 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 16,3 проценти, при што кај домашните туристи има зголемување за шест отсто, а кај странските за 23,4 отсто.
Во периодот јануари-октомври 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 12 отсто и тоа кај домашните туристи има зголемување за 4,8 отсто, а кај странските има зголемување за 22 отсто.