Владата усвои информација со која се изедначуваат условите за инвестирање на домашните и странските инвеститори и ќе важи еднакво за сите инвеститори во технолошко индустриските развојни зони и надвор од нив.
По редовната седница од Владата вечерва соопштија дека усвоената информација е за потребата од донесување мерки на индустриска политика со кои ќе се поттикнат инвестициите и конкурентноста на македонската економија, во рамки на Планот за економски раст.
Како што укажал вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, станува збор за активности од Планот за економски раст на кој Владата неколку месеци работеше во консултација и низ дебата со сите економски чинители во општеството.
Владата го задолжила Кабинетот на Анѓушев да формира работна група за подготовка на закон со кој системски ќе се уредат прашањата за начинот и постапката за реализација на мерките за индустриска политика за поттикнување на инвестициите и конкурентноста на македонската економија.