На протестот на ВМРО-ДПМНЕ денеска пред Министерството за правда пред граѓаните се обрати пратеничката Лилјана Затуроска. Таа кажа дека две недели бараат од институциите да го слушнат гласот на народот, кој не се согласува со ненародниот режим на владејачката гарнитура.
-За жал, како што можете да видите, од нив ни абер ни глас, молчат. А што би кажале за ова злодело што го прават, од кое во иднина ќе се срамат и ќе бидат осудени прво од нивните деца и од нивните внуци, за оваа неправда која им ја нанесуваат на чесните граѓани, големи патриоти, кои што си ја сакаат својата земја и си го почитуваат својот народ, изјави Затуроска.
Таа кажа дека тие немаат ниту една црна дамка во своето портфолио. Таа порача дека и ова ќе помине, дека ќе издржат, како што кажа „што овој македонски народ не издржал“.
-После ова треба да се извлечат поуки за да не настане друго вакво дело во иднина, кое што ќе остави големи бразди во душата на македонските граѓани, изјави Затуроска.
Таа праша дали некаде во светот постои ваков пример на измачуван и предаден македонски народ, дали ова се европските вредности кои ги ветуваше оваа власт.
-Зошто ова што во другите држави претставува брутално кршење на човековите права и слободи, во Македонија е најнормално и најнормално се практикува? Во другите земји она што претставува борба за правда, за идентитет, за јазик, за име, за историја. Тоа претставува патриотски чин, само во Македонија тоа се смета за тероризам, изјави Затуроска.
Таа каже дека Дурловски е обвинет за тероризам затоа што ја пеел химната. Таа кажа дека ова се случува дека заради тоа што немаат поддршката од народот за она што го прави, му останува само да им одмаздува на оние кои најмногу им се слуша гласот. Затуроска порача дека ова мора да престане.
-Нема да се смириме, додека нашите невини пријатели Македонци чмаат по затворите, нема да попуштиме под притисокот на хунтата и бараме неправедно притворените наши сограѓани, браќа и сестри Македонци да се ослободат, зошто тие не се терористи, изјави Затуроска.
Таа порача дека остануваат заедно во борбата за нивна слобода и посака да ги види нив слободни.