На денешниот протест пред Министерството за правда организиран од ВМРО-ДПМНЕ пред граѓаните се обрати Оливер Андонов. Тој кажа дека за жал оние кои што со измами и узурпации дојдоа на власт, се обидуваат да ја урнат верата, да ја урнат надежта за Македонија.
-Нашите патриоти се во затвор, на секого поединечно кој ќе крене глас за нашата татковина Македонија, со љубов и патриотизам за неа му се заканува затвор, му се заканува малтретирање. Во исто време се ослободуваат убијци и монструми, се бараат некакви меѓународни експертизи за докажани терористи, кои пукаа врз нашите колеги кои тука стојат до нас(се мисли на полицијата). Сето тоа треба да им го прифатиме, тоа сакаат да го направат и да бидеме мирни дека ќе ослободат терористи, а патриотите ќе ги затвораат, изјави Андонов.
Тој повика граѓаните да имаат силна верба бидејќи тоа нема да им помине. Тој кажа дека вербата која ја имаат граѓаните, ќе стигне до неправедно затворените.
-Стравот не може да победи, привремено може да ги спречи оние кои вечерва не се со нас, но не може да ги победи и нема да не победи бидејќи ние си ја сакаме нашата татковина Македонија. Ние гордо кажуваме ние сме Македонци и живееме во Република Македонија, изјави Андонов.
Тој кажа дека додека постои еден член на ВМРО-ДПМНЕ, на патриотските здруженија и еден Македонец, тие ќе се борат за Македонија. Тој исто така ги повика граѓаните утре во уште поголем број да дојдат на истото место за да покажат дека не се плашат од заканите на хунтата на власт.