Бугарско-македонскиот бизнис клуб (БМБК) денеска ќе биде промовиран во Скопје. Клубот е основан како непрофитна организација која своите активности ќе ги насочи кон натамошно зајакнување и развој на економските односи, унапредување на бизнис релациите меѓу Македонија и Бугарија, како и постојано стимулирање на деловните и општествени иницијативи.
Решението за основање на Бугарско-македонски бизнис клуб е донесено на Собранието на бугарскиот културен клуб-Скопjе, одржано на 28 септември 2017 година. Усвоен е и Правилник за дејноста на клубот, за претседател на бизнис клубот е избран Никола Попилиев, а за потпретседател Владимир Владимиров.
Активностите на бизнис клубот ќе бидат насочени кон организирање стручни средби, советувања, предавања, семинари, форуми на бугарски и македонски бизнисмени, промоција на македонската економија во Бугарија и на бугарската економија во Македонија, како и соработка со други клубови, здруженија и организации со слична ориентација и конзистентни цели.
На промоцијата на бизнис клубот ќе присуствува делегацијата на Република Бугарија, во чиј состав ќе бидат повеќе стопанственици. Делегацијата ќе ја предводи потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова.