Пред граѓаните денеска на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за правда се обрати Иван Иванов. Тој кажа дека граѓаните повеќе две недели протестираат против нарушувањето на сите демократски правила, принципи и кршење на основните човекови права во Република Македонија.

-Повеќе од две недели протестираме против она зло кое надвиснало во Република Македонија, во кое ненормалното станува нормално, во кое луѓето кои ја сакаат својата земја се нарекуваат терористи, се влечкаат по притвори и против нив се водат процеси какви што не се паметат од 1948 година па наваму. Сакам од овде да порачам и гласно да кажам, колегите пратеници кои беа на своите работни места и сега се во притвор не се терористи. Актерите кои влегоа во Собранието, пејачите не се терористи, тие се патриоти. Луѓето кои влегоа во Собранието и ја пееја македонската химна не се терористи, изјави Иванов.

Иванов кажа дека ова што денес се прави е едно смислено сценарио да се влее страв во коски на сите оние кои што мислат различно од власта.

-Ова што сега се прави е повторување на историјата во која повторно Македонец е против Македонец, повторно на Македонци им се суди зошто ја сакаат својата земја. За жал, ваквите постапки ќе продолжат, затоа што нема ништо од оние ветувања кои ги дадоа пред изборите, изјави Иванов.

Тој порача дека ова мора да престане и кажа дека граѓаните се први кои застанаа во одбрана на демократијата на државата.

-Истрпела Македонија многу неправди, ќе го истрпи и ова, ќе дојде ново утро, ќе дојде нова зора на слободата. Секоја генерација си има своја борба, ова е нашата борба. Бараме правда за сите, порача Иванов.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2017 15:18