Ниту еден притисок нема да не разубеди да се повлечеме, ќе останема тука до самиот крај, а крајот е почитување на демократските принципи и слобода за сите оние кои беа уапсени на неправеден начин, порача Дарко Костовски на протестот пред Министерството за правда, кој се оддржува против приведувањата пратеници и други лица за учество во настаните во Собранието од 27 април годинава.

-Оваа таканаречена власт е неспособна на секое поле. Катастрофална економска политика, а за националните интереси да не зборувам. Предавничка власт, власт која ќе биде запаметена во историјата на Македонија како најнеспособна, рече Костовски и додаде:

„Сите оние кои учествуваа на 27-ми имаа причина- слушаа дека во македонскиот Парламент, некој ја пее химната на туѓа држава. Суверенитетот и Уставот на една држава му припаѓаат на народот, затоа тогаш народот процени дека внатре во Собранието на груб начин се прекршуваа Уставот на оваа света земја, на крајно нелегитимен начин се избра претседател на Собрание на оваа држава. Во однос на тоа, луѓето по свое сопствено уверување влегоа за да го одбранат Уставот-најсветата работа за една држава“.

Според Костовски, сите оние кои учествуваа на 27 април, а сега се притворени македонската историја ќе ги памети како големи херои, а сите оние кои учествуваа во, како што рече, нелегитимниот избор на претседател на Собранието ќе ги памети како луѓе што грубо го прекршиле македонскиот Устав.

-Не треба на никој да му падне на памет дека овој народ ќе се повлече, се додека не биде ослободен и последниот од настаните на 27-ми. Ќе останеме тука до крај. Борбата на ВМРО за Македонија трае вечно. Не смее никој да помисли дека овој народ ќе остане нем на било каква неправда и кршење на македонските национални интереси, потенцираше Костовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2017 15:27