Советниците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка ја напуштија денешната седница на општинскиот Совет во знак на поддршка на, како што истакнаа, притворените за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април.
Петтата седница на Советот на општина Крива Паланка започна денеска на пладне, а веднаш по усвојувањето на дневниот ред, седуммината советници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија.
Координаторот на советничката група, Игор Тодоровски, рече дека ова е чин на искажување револт кон политиките кои се спроведуваат во државата, зашто, како што истакна, ако некогаш беше тешко да се биде Македонец во туѓа држава, сега е тешко да се биде Македонец во сопствената татковина.
„Ние ја напуштивме седницата за да им дадеме поддршка на сите неправедно притворени браќа и сестри од страна на власта за настаните во Собранието на 27 април, како протест против власта која луѓето кои се борат за Македонија и ја пеат државната химна ги оквалификува како терористи“, рече Тодоровски.