Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со претставници на Синдикалната организација на вработените на подружницата влеча на возови во МЖ „Транспорт“, предводени од претседателот на синдикатот, Ѓоко Илиевски.

Од прес-службата на владата информираат дека на средбата било разговарано за наталожените проблеми со кои се соочува претпријатието, за условите за работа во кои работат работниците, како и за новите перспективи кои се отвораат за железничкиот сообраќај во Република Македонија со зголемениот интерес за изградба и комплетирање на коридорите 8 и 10.

Заев на средбата посочил дека Владата има системска определба во изнаоѓање на трајно решение на проблемите во Македонски железници.

„Заев ги слушна барањата на работниците организирани во овој синдикат, и порача дека низ взаемен дијалог помеѓу Владата, синдикалните организации и менаџментот на Македонски железници ќе се разгледуваат можностите и ќе се носат одлуки за трајно и системско решение на проблемите во Македонски железници“, се вели во владиното соопштение.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/12/2017 00:53