Доброто управување е тесно поврзано со транспарентноста. Ако јавноста е запознаена како се управува со јавните пари и како тие се трошат, би можела да врши постојан притисок врз функционерите кога не управуваат добро со средствата. Тогаш тие би биле свесни, што би претставувало дополнителен мотив да управуваат добро и да се грижат за јавната каса, рече министерот за финансии Драган Тевдовски на панел дискусијата во рамки на министерска конференција во Париз.
Како што соопшти Министерството за финансии, една од клучните теми на министерската панел дискусија беше токму транспарентноста. Тевдовски во оваа прилка истакна дека последните шест месеци се објавени податоци и документи кои предходно не и биле достапни на јавноста: деталниот извештај за извршување на буџетот по буџетски корисници и Граѓанскиот буџет.
– Ги објавивме и неподмирените обврски од страна на сите буџетски корисници и ги финализираме нашите напори за редовно евидентирање и објавување на сите неподмирени обврски. Следната година ќе работиме и на создавање систематско решение за спречување на овој проблем во иднина, подвлече министерот.
Се зема предвид, дополни, и објавувањето на сите трансакции што се реализираат преку трезорот на дневна основа. – Сметаме дека ова би била серизна промена, од корен, во Македонија. Тоа во голема мера ќе ја зголеми транспарентноста, ќе и дозволи на јавноста да биде запознаена во детали како се трошат јавните средства и ќе ги натера функционерите да се однесуваат поодговорно. Со други зборови, тоа ќе придонесе кон подобро управување, потенцира Тевдовски.
Тој го почна говорот со изјавата дека министрите за финансии се чувари на стабилноста и рационалноста, но некогаш премногу се фокусираат на страната на трошењето. Важно е, рече, да има инвестиции и трошење, но уште поважно е за што парите ќе бидат потрошени.
– Наш приоритет како Влада е да ја зајакнеме ефикасноста при трошењето на јавните средства, притоа обезбедувајќи расходите ефективно да се користат за вистинските цели, а јавноста да добива „вредност за пари“. Ова значеше кратење средства за некои очигледно непотребни проекти и дискрециско трошење за „стоки и услуги“. Од друга страна, овие заштеди ги пренасочивме на клучни сектори во нашата земја, на кои им е потребна поддршка, особено образованието и здравството. За останатите ставки Владата многу повеќе се фокусира на нивната правилна употреба за социјалните трансфери да се наменети за оние на кои им се најпотребни или земјоделските субвенции да бидат ефективни во стимулирањето на производството и извозот, напомена Тевдовски.
Тој потсети и дека стратегијата за управување со јавни финансии треба да биде усвоена до крајот на годината и спроведена во наредните години
На панел дискусијата „Како јавното управување може да направи разлика која придонесува за долготраен економски развој?“ главен говорник беше Јан Валсер, потпретседател за развој, финансии и институции на Светската банка. Присуствуваа министри за финансии од Украина, Србија, Молдавија, како и министерот за реформи на Тунис.
Конференцијата „Добро деловно јавно управување, сервис за граѓаните и бизнисите“ ја организираат OECD и Европската унија.