Министерство за финансии предлага измени на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари.
Со измените е предвидено давателите на услуга брз трансфер на пари и субагентите кои досега немаа обврска да доставуваат податоци за трансакциите до Управата за јавни приходи, тоа да го направат.
„Управата за јавни приходи не располага со податоци за добиени приходи на граѓаните преку услугата брз трансфер на пари бидејќи давателите на услуга брз трансфер на пари и субагентите немаат обврска да доставуваат податоци за трансакциите на брз трансфер на пари до Управата за јавни приходи“, пишува во образложението на предлог-законските измени, објавени на ЕНЕР.
Давателите на услуга брз трансфер на пари ќе треба да доставуваат месечни извештаи за поединечните трансакции на трансфер на пари, покрај до Народната банка и до Управата за јавни приходи. На тој начин, УЈП ќе располага со податоци за добиени приходи на граѓаните преку услугата брз трансфер на пари.
Даночниците ги правдаат измените поради проектот „Поедноставување на процедурите за известување и плаќање на персонален данок на доход за граѓаните”. Примената на овој проект предвидува УЈП да изготвува пополнета даночна пријава за секој даночен обврзник, врз основа на податоците со кои располага за остварените приходи на даночните обврзници.