Три месеци откако законски е регулирано исплаќањето на минимална плата во износ од 12.000 денари, се појавија и првите информации дека се прават злоупотреби. Дел од работниците се принудени на газдите да им вратат на рака дел од парите, и најчесто не се охрабруваат да говорат за тоа и да ги пријават злоупотребите. Ова посебно е присутно во текстилните, кожарските и чевларските компании, каде е и најголем бројот на работници кои добиваат минимална плата. На злоупотребите во текстилните компании неодамна укажа и штипското здружение „Гласно – текстилец“.
Барањето на газдите, работниците на рака да им вратат дел од минималната плата е кривично дело за кое е предвидена затворска казна од три месеци до една година, посочуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Оттаму велат дека работниците треба да се свесни оти станува збор за кривично дело и дека треба да се охрабрат да пријават со цел да се спречат манипулациите со исплатата на минималната плата.
За министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, враќањето на дел од минималната плата е кражба што ја вршат работодавачите врз работниците. Единственото решение за справување со овој проблем, според неа, е да се охрабрат работниците да пријават и да сведочат, за да бидат санкционирани работодавачите.
– Имаме многу алармантни ситуации во кои работата на хартија е чиста, но во пракса е погрешна. И токму затоа, тие и да алармираат до граѓански организации и до Државен инспекторат за труд, се додека не се подготвени да дадат изјава и да сведочат заедно со уште еден вработен од истата фирма, ние многу тешко ќе го поправиме системот, вели Царовска.
Од Министерството за труд и социјална политика посочуваат дека ќе им помогнат и ќе ги заштитат работниците кои се подготвени да го пријават случајот и да сведочат. Велат дека Владата одлучила да дава субвенции за исплата на минималната плата, не со цел работодавачите да ги полнат џебовите, туку сите вработени да ја добијат загарантираната сума од 12.000 денари.
Од текстилната индустрија, каде најмногу се забележани манипулации, укажуваат дека не им е проблем исплатата на минималната туку тоа што нејзиното зголемување повлекува и покачување на платите на останатите вработени кои претходно добивале плата од 12 илјади денари. Затоа бараат од Владата придонесите за плата од 12 до 18 илјади денари да бидат исти односно да се плаќа по 5.130 денари.
Државата со цел да обезбеди загарантирана исплата на минималната плата од 12.000 денари, обезбеди средства за субвенционирање на компаниите, а преку Управата за јавни приходи воведе нов систем што не овозможува исплата на плати под оваа сума.
И покрај ова, интересот на компаниите за добивање субвенции од државата е релативно мал. Последните податоци од УЈП покажуваат дека во октомври се одобрени 2.000 пресметки со кои се опфатени 11.077 лица, а пред донесувањето на законот се предвидуваше дека над 100 илјади работници треба да добијат покачена минимална плата.
Малиот интерес, според работодавачите, се должи на сложеноста на софтверот во УЈП, но и на стравот од инспекции.
– Има и тоа, и тоа. Еден дел од компаниите не добија финансиска помош заради зголемениот износ на саатнина по која се пресметува дали ќе има или нема да има субвенција, бидејќи во таа саатнина не треба согласно законот да влегуваат додатоците по основ на стаж, прекувремена работа, работа на празник и други додатоци. Но, ова не е единствената причина. Дел од работодавачите самоволно се откажуваат од поднесување на барања затоа што видоа дека помошта е навистина минимална во однос на зголемување на бруто платите по основ на законот за измени на минимална плата, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.
Од друга страна, министерката за труд вели дека и покрај релативно малиот интерес на компаниите, Законот за минимална плата го дал својот ефект.
Царовска неодамна изјави дека над 88 илјади работници добиле минимална плата од 12 илјади денари за септември.
– Но, фирмите не ги искористија субвенциите. Дел од нив имаат над 10 проценти профит во фирмата и согласно законот не можат да користат субвенции зошто веќе имаат добри примања, посочи Царовска, додавајќи дека малото искористување на субвенциите се должи и на тоа што голем број компании користат државни поволности преку повеќе проекти и мерки за околу 22 илјади работници.
Минималната плата во износ од 12.000 денари почна да се исплатува од септември и таа беше предизборно ветување на оваа Влада. Со законското решение за првпат плата во овој износ земаат и вработените во кожарската, чевларската и текстилната индустрија кои досега земаа плата од 9.050 денари. / МИА