Неколку илјади Израелци во саботата повторно се собраа на демонстрациите во Тел Авив, каде го повикаа нивниот премиер Бенјамин Нетанјаху да си поднесе оставка.
Учесниците на протестот мавтаа со знамиња на Израел и со транспаренти на кои беше напишано „министер за криминал“.
Други пак, извикуваа „корумпирани водачи, одете си дома“, пренесува Newsweek.
Демонстрантите се собраа на последниот во низата протести против корупција, кои траат со недели, јавува израелската телевизија Kanal 2.
Полицијата во петокот, по седми пат му вршеше распит на Нетанјаху во рамки на истрагата по двете обвиненија за корупција на израелскиот премиер. Тој е осомничен за учество во подмитување, измама и кршење на довербата.
Нетанјаху негираше дека направил било што погрешно и ги одби обвиненијата, тврдејќи дека се работи за „лов на вештерки“ од страна на непријателските медиуми.