Од 14 до 17 декември во Скопје се одржува настанот „Академија за млади лидери – дијалог за градење силно општество“ кој е во организација на Унијата на Млади Сили на ВМРО-ДПМНЕ, а гости се над 50 млади политичари од Европа кои се членови на ЕДС, подмладокот на ЕПП.

За време на академијата ќе се зборува за улогата на младите во креирањето на локалните и националните политики. Исто така ќе се обработат и теми за тоа како да се прошири соработката помеѓу граѓанското општество, владите и ЕУ, како денес да се прави разлика помеѓу вистината и невистината, и како да се обезбеди структуриран и намерен дијалог кога се донесуваат и спроведуваат политички одлуки.

Предавачи и панел дискутанти на академијата се поголем број политичари, експерти и професионалци, а свое обраќање ќе има и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Веќе свое обраќање на отворањето на академијата имаше претседателот на УМС Владимир Нелоски, кој ја има честа заедно со извршниот и УМС да ја добијат по втор пат честа да организираат настан на ЕДС во Скопје, во рок од 2 години.

-Унијата на млади сили како рамноправен член на ЕДС со години наназад е директен учесник во креирањето на европската младинска политика, со своите учества во креирањето. Ние сме една од најбројните членки на ЕДС со над 50.000 членови и нашето учество во европските настани е мошне важен за развојот на европските политики. Тоа неколку пати сме го докажале и преку уважените резолуции од европското семејство, бидејќи Република Македонија и природно припаѓа на европското семејство, а и сите наши стремежи се да што побрзо се интегрираме во Европската Унија, запазувајќи ги интересите на македонскиот народ. Но, она што е уште поважно е дека се наоѓаме како држава во една ситуација каде што ни тоне државата, па затоа ние младите како свесни граѓани на ова општество ќе се бориме да изградиме силно општество, истакна Нелоски.

ЕДС е политички подмладок и официјална студентска организација Европската Народна партија која е лидер во Европската Унија. Како најстара и најмоќна студентска организација ЕДС е членка Меѓународната Младинска Демократска Унија (IYDU), најголемата светска алијанса на десничарски младински политички подмладоци во која членуваат над 1.600.000 студенти во 40 политички партии од 35 земји од Европа.

Оваа соработка уште еднаш го потврдува влијанието на УМС во европските политички младински организации, земајќи го во предвид тоа што ЕДС и ЕПП се водечки политички организации во Европската унија, како за младинска политика, така и за европската политика.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2017 02:44