ВМРО-ДПМНЕ продолжува со протестите за правдина, од денеска тие секој втор ден ќе одржуваат и пред истражниот затвор во Шуто Оризари, не само пред Министерството за правда. Пред граѓаните денеска се обрати Никола Србов, тој кажа дека се надева дека неправедно уапсените можат да ги слушнат граѓаните кои што се дојдени.
-Денес во 21 век, во Македонија е урната правната држава, луѓето чии усти беа полни со демократија денес истата ја уриваат. Денес во Македонија се урива правниот систем, правото се злоупотребува за политички прогон. Се урива презумцијата на невиност, гледавме како се фотографираат нашите браќа во сред истражна постапка и истите фотографии беа пласирани во медиумите кои се под раководство на власта, изјави Србов.
Тој кажа дека во Македонија се уриваат сите ратификувани повелби за правата на човекот.
-Ние денес имаме политички прогон и секој што не се согласува со хунтата на власт е на мета. Сите граѓани на Македонија кои не се согласуваат со Владата на Заев влегуваат во списокот за отстрел. Затоа тие граѓани се преплашени да излезат во оваа борба, но оваа борба допрва почнува, изјави Србов.
Србов напомена дека оваа борба ќе биде долга и мачна, но дека мора да се издржи. Тој кажа дека прво треба да се ослободат неправедно притворените, а потоа и да се ослободи државата од владеењето на Заев.
-Ќе дојде денот кога оваа хунта ќе биде соборена, кога Македонија ќе биде ослободена, бидејќи слободата е најскапоценото нешто и најскапото нешто кај секој еден човек, изјави Србов.