Македонија доби неповратни финансиски средства во висина од околу 2,5 милиони евра од Народна Република Кина за реализација на проекти за потребите на македонските граѓани.

Годишниот договор за економска и техничка соработка меѓу двете држави беше потпишан денеска во Скопје од страна на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и амбасадорката на Народна Република Кина, Јин Лисјен.

Вицепремиерот Османи пред потпишувањето на договорот посочи дека проектната соработка со НР Кина во изминатите години била насочена кон неколку приоритетни области како што се образованието, здравството и мрежното поврзување и оти најголем дел од финансираните проекти биле за образовниот сектор.

- Како национален координатор за странска помош мислам дека можеме ефикасно да ги таргетираме овие средства кои ги донира Народна Република Кина. Ќе утврдиме кои се приоритетните проекти заедно и веќе следниот месец ќе излеземе со конкретни идеи. Ќе предложиме сериозни проекти согласно насоките и критериумите што ги има Амбасадата на НР Кина и веруваме дека набрзо ќе почнеме со нивна реализација, рече Османи.

Согласно минатите договори, во тек на реализација се два проекти, односно изградба на спортска сала за основното училиште Рајко Жинзифов и проект за воведување на електронско образование.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2017 13:05