ЕУ додели 72,3 милиони евра помош на Република Македонија за поддршка на демократијата и владеењето и зајакнување на економскиот развој и раст на земјата, соопштија од Делегација на ЕУ во Скопје.

Станува збор за две програми финансирани од ЕУ. Европската комисија на 29 ноември годинава усвои Програма за активности за Република Македонија за 2017 година. Во исто време, финансискиот договор помеѓу ЕУ и Владата на Македонија за имплементација на годишната ИПА програма за 2016 беше потпишан на 30 ноември.

Клучни приоритети остануваат контролата на границите и миграциската политика, како и поефикасна борба против тероризмот и организираниот криминал. Посебно внимание ќе биде посветено на превенцијата од радикализам и насилен екстремизам. ЕУ подеднакво ќе ја поддржи и ќе ја поттикне реформата на јавната администрација, особено во делот на унапредување на транспарентноста и борбата против корупцијата, како и развој на електронски услуги за граѓаните чија цел е заштеда на времето, напорите и парите на граѓаните.

Овие нови средства од ЕУ наменети за компании, за советодавна поддршка и е-услуги за бизнис секторот се очекува да ги подобрат перформансите на приватниот сектор и да ги направат подинамични компаниите заради создавање повеќе и подобри нови работни места, како и подобрување на економскиот профил на земјата. Во исто време, планираните инвестиции во образовниот систем кои одат паралелно со иновативните мерки на пазарот на трудот ќе ја намалат разликата помеѓу понудата и побарувачката на трудот и ќе придонесат за намалување на невработеноста во државата. Подобрениот квалитет на едукативниот процес и на социјалните услуги ќе ги поддржат младите луѓе во земјата, како и најранливите категории граѓани преку креирање на перспективи за социјален и професионален развој.

- Овие фондови покажуваат колку сериозно ја гледаме иднината на земјата во ЕУ. Тоа е причината зошто инвестираме сега во унапредување на сите нејзини системи и нивно доведување до нивото на ЕУ-стандардите, не затоа што тоа го бара ЕУ, туку заради бенефит на секој еден граѓанин. Изгубеното време треба да се надокнади преку посилна посветеност на Владата и на администрацијата на реформите кои се спроведуваат и преку посилна инволвираност на луѓето во реформите. Одговорност е на секој еден колку далеку земјата ќе стигне, изјави евроамбасадорот Жбогар по повод објавата на доделувањето нови средства за Македонија од страна на ЕУ.

Од 2007 година досега земјата има добиено преку една милијарда евра од ЕУ-фондовите за поддршка на клучните реформи и инфраструктурата. Дополнителни 250 милиони евра ќе бидат алоцирани за земјата до 2020 година. Ова финансирање ќе помогне за модернизација на земјата и ќе донесе конкретна корист за граѓаните во сите сфери на животот.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2017 13:14