Германската компанија „Кеслер“ ќе произведува електромотори во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ)-Скопје1. Компанијата најави дека планира да започне со работа кон крајот на 2018 година, а производството ќе биде наменето за германскиот пазар. Се планираат најмалку 80 работни места во наредните три години, ќе бидат вработени машински и електро-инжинери, како и друг високо-квалификуван кадар.
Согласно договорот, компанијата ќе добие на користење градежно земјиште со површина од 1,3 хектари, а според најавите од компанијата предвидена е изградба на објекти во две фази, во кој ќе се врши производство на електромотори.
Во рамки на инвестицијата, предвидено е и воспоставување на центар за заеднички и инжинерски услуги и развој на нови производи на компанијата „Кеслер“ во Македонија.
Од „Кеслер“ информираат дека веќе имаат стапено во контакт со високо-образовни институции и планираат соработка со техничките средни училишта. Компанијата планира соработка и со домашни добавувачи за набавка на суровините потребни за нејзиното производство.
Како производител на алатки и системи за машинска обработка и брусење, електромотори, делови за машини, индустриска електроника, компанијата „Кеслер“ има над 90-годишна традиција.